Карлос Кастанеда

Карлос Кастанеда
Carlos Castañeda
Cc1962.JPG
Кастањеда во 1962 г.
Роден 25 декември 1925(1925-12-25)
Кахамарка, Перу
Починал април 27, 1998(1998-04-27) (воз. 72 г.)
Лос Анџелес, Калифорнија, САД
Занимање писател
Националност перуански Американец
Период XX век
Тематика шаманизам

Карлос Кастанеда (поточно Карлос Кастањеда, шпански: Carlos Castañeda; 25 декември 1925 - 27 април 1998) — перуанско- американски писател. Започнувајќи со книгата „Учењето на дон Хуан“ во 1968 година, Кастанеда напишал серијал на книги во кои го опишува традиционалниот шаманизам. Неговите книги се продадени во повеќе од 8 милиони примероци, преведени на многу јазици.

Книгите на Кастанеда, како и самиот тој, со години се контроверзни. Приврзаниците велат дека филозофијата и практиките кои се опишани во книгите се вистински техники за подигнување на свеста, додека останатите сметаат дека книгите се измислица. Сепак, неговата трета книга со наслов „Патот во Икстлан“ е призната како негова докторска дисертација, на УКЛА, универзитетот Лос Анџелес, Калифорнија.

Во книгите, Кастанеда раскажува во прво лице еднина, затоа што тие претставуваат негови лични искуства додека бил ученик на индијанскиот шаман од племето Јаки, господинот Хуан Матус (Кастанеда го именува со шпанскиот збор за господин — „дон“), кого го сретнал во 1960 година, додека студирал антропологија. Кастанеда во своите книги вели дека Дон Хуан Матус ја забележал неговата енергетска конфигурација која соодветствува на онаа на еден „ нагуал“, чиј дух може да стане лидер на група пророци. Тој го користи терминот нагуал да го означи делот на перцепцијата кој се наоѓа во границите на непознатото, но сепак дофатливо за човекот, тврдејќи дека, во неговата група пророци, Дон Хуан е на некој начин врската со непознатото. Кастанеда често пати ова непознато го нарекува „невообичаена реалност“, што покажува дека тоа е всушност реалност, но дијаметрално спротивна на вообичаената реалност која луѓето, кои се длабоко понесени од секојдневните активности, ја доживуваат.

Биографија

Малку се знае со сигурност за животот на Кастанеда, затоа што самиот тој давал контрадикторни податоци за своето потекло. Сепак, се смета дека е роден на 25 декември, според едни извори во 1925 година во Кахамарка, Перу, [1] а според дуруги, тој е роден во 1931 година, во Сао Паоло, Бразил. Во 1950-те години се преселил во Америка, а во 1957 година добил државјанство. Во 1960 година, се жени со Маргарет Рунјан во Мексико. Заедно живееле само шест месеци, а се развеле дури во 1973 година. Се школувал на Универзитет на Калифорнија, Лос Анџелес (УКЛА), отсек антропологија, каде во 1973 година се стекнал со титула — доктор по филозофија. [2]

Првите три книги на Кастанеда Учењето на дон Хуан, Одвоена стварност и Патот во Икстлан,се пишувани додека Кастанеда бил студент по антропологија на УКЛА. Книгите се пишувани додека Кастанеда учел за индијанското знаење од човекот кого го нарекува дон Хуан Матус, Јаки Индијанец од северен Мексико. Како докторска дисертација е прифатена неговата трета книга — Патот во Икстлан.

Во март 1973 година, во списанието „Тајм“ се појавува статија за Кастанеда [3]. Тоа е една од ретките статии, затоа што Кастанеда сè до 1990-те години избегнувал јавно да се појавува.

Сепак, продолжува со објавување на своите книги, кои стануваат сè попопуларни. Вкупно има 12 книги, од кои две се печатени постхумно.

Во 1990-тите години, Кастанеда решава повторно да се појави во јавност, овој пат за да ги промовира движењата наречени Тенсегрити, за кои тој тврдел дека се практикувани од 25 генерации на толтечки шамани. На 16 јуни 1995 година, е формирана корпорацијата Клиаргрин, која организира семинари и работилници за Тенсегрити, и ги препечатува книгите на Кастанеда. Клиаргрин издава и три видео касети со Тенсегрити. Кастанеда не се појавува на видео снимките.

Се смета дека Кастанеда умрел на 27 април 1998 година во Лос Анџелес, по компликации од рак. [4] Без никаква погребна церемонија, Кастанеда е кремиран, а пепелта е испратена во Мексико. [5] Според учениците и приврзаниците на Кастанеда, тој го напуштил овој свет заедно со своето тело.

Other Languages