За самиот себе

Првата страница од англиското издание, 1792

За самиот себе или уште познато како Медитации, Разговор со самиот себе, Мисли — спис на римскиот император Марко Аврелиј. Како еден од преставниците на стоицизмот, во секој пасус од делото Аврелиј го проткајува духот на стоичката филозофија. Делото е напишано во афористички облик, без некој посебен редослед. Се верува дека самиот император делото го напишал во тивките часови кога сакал да разговара самиот со себе, барајќи утеха во филозофијата. Токму поради тоа и се смета дека делото не било напишано за да биде објавено туку за да му послужи на самиот император. Се верува дека најголемо влијание врз размислите на императорот му служело делото на Епиктет Разговори. Поуките содржани во списот ги поврзуваат начелата на вистинското самопознание и правилата на однесување. Двете главни теми коишто можат да се извлечат од личните размислувања на императорот, а коишто ја засегаат стоичката филозофија се: исполнување на човечките должности и служба за доброто на заедницата.

Структура

За самиот себе е поделена во 12 книги, без хронолошки редослед. Единствено првата книга се разликува од останатите кадешто Марк Аврелиј ја искажува својата благодарност до своите блиски, неговите родители, роднини, учители па дури и Боговите за нивното влијание и поуки.

Поради испреплетеноста на мислите на императорот при пишувањето на делото, неговата содржина не може да биде прецизно одредена. Во секоја од своите поуки тој ги посочува главните црти на неговата филозофија и може да се забележи дека зад секој ред стои една цврсто конституирана фаталистичка слика на светот и животот во која поединецот треба да ја пронајде смислата на сопственото постоење.

Имено човекот си го поставува клучното прашање: Што претставува смртта и дали може да се справи со неа? Секој се соочува со чувството дека траењето на животот е само миг. Марко Аврелиј верува дека оваа песимистичка мисла за животот може да се осмисли само со дејството на разумот. Разумот е тој што правилно ќе ја насочи животната сила. Затоа една од клучните максими гласи: „За разумното суштество исто е да биде во согласност со природата и во согласност со разумот“. Човекот треба да ја прифати препораката: „Впери го погледот само на патот по кој те води природата, бидејќи таа е заедничка според она што ти се случува, но твоја лична според она што треба да го направиш.“

За да го разбере боженствениот и човечкиот свет на човекот може да му помогне само филозофијата. На секоја страница од делото, Марко Аврелиј посочува дека филозофијата ни ја дава единствената вистинска помош во совладувањето на тешкотиите, незадоволството, стравовите и ударите на судбината. Па токму поради тоа ја определува филозофијата како водилка на животот. Таа добива задача да биде етички владетел зaтоа што го води човекот кон најважното сознание: дека смислата на постоењето и смислата на природата се поклопуваат. Една од поважните мисли на Марко Аврелиј за филозофијата е следнава:

Филозофијата се состои во тоа што во себе ќе го чуваме дајмонот од зло и грев, како победник над сладстраститето, што нема да правиме бесцелни нешта служејќи се со лаги и преправање, ослободени од мисла дали некој прави така или не. Филозофијата се состои во моќта да се соочиме со сѐ што ќе ни се случи и да го примаме како нешто што доаѓа од истото место од кое што потекнуваме и самите. Потоа, во готовноста да бидеме ведри во очекувањето на смртта, убедени дека тоа не е ништо друго освен раздвојување на елементите од кои е составено секое живо суштество.

Од антрополошкото сфаќање на Марк Аврелиј во книгата можеме да извлечеме дека тој прави разлика помеѓу тело, душа и дух. Телото е супстрат составен од материјални нешта на кои се распаѓа, на душата ѝ припаѓа нагонскиот живот и страстите кои ја вознемируваат, ја занесуваат, а духот е господар на вистинското познание на праначелата и на единствената вистина дека со светот и со животот владее нужноста, дека сѐ е судбина.

Страстите и афектите се најопасните заведувачи на човекот. Тие го залажуваат и го привлекуваат со минливи задоволства. Токму поради тоа мислите и разумот треба целосно да се ослободат од привлечноста на страстите. А за тоа да се постигне, доволно е сознанието дека сѐ е променливо и минливо, а доказ за тоа се сетилните задоволства. Човекот треба да се придржува само до единствената вистина дека во светот владее смислата на природата која е устроена според строгите умствени принципи на нужноста. И токму тоа сознание би требало да го ослободи човекот и да го насочи кон спокојно помирување со сопствената судбина која е исто така само дел од целината на природата.

Според Марк Аврелиј, луѓето се создадени за заедничко дејствување. Како што заедно и во една целина функционираат рацете, нозете, трепките, така треба да се согласуваат и да бидат во хармонија и луѓето што живеат во заедница. Па токму поради тоа, тој вели: „Ако некогаш си видел отсечена рака, нога или пресечена глава која лежи одвоена од телото, исто така изгледа и човек кој не си ја сака судбината, кој се издвојува и прави нешто што е против заедницата.“

Човекот е само еден мал ситен дел од вселената. Во вселената секој го носи со себе она што му е судено, а секој дел учествува во полза на целината. Затоа може да се каже дека сѐ потекнува од еден ист извор кадешто сите суштества се во сродство, а токму во човековата природа е грижата за другите луѓе. Марко Аврелиј го гледа доброто за разумното суштество токму во заедницата бидејќи верува дека „ние сме предодредени за заедница“.

И покрај сите промени, проблеми, и променливости што ни се случуваат во животот,  треба да се зачува внатрешната слобода, тоа го препорачува императорот преку следниве зборови:

Биди како карпа од која се прекршуваат брановите. Таа стои неподвижна, а морето што беснее околу неа, постепено се смирува. Никогаш не вели: 'Несреќен сум, зарем мораше тоа да ме снајде!' Секогаш вели: 'Среќен сум што живеам безгрижно и не сум погоден од тоа што сега ми се случува, ниту се плашам за иднината!' Такво нешто може секому да се случи, но не секој во извесна прилика може да остане безгрижен.

Other Languages
العربية: التأملات
български: Към себе си
català: Meditacions
eesti: Iseendale
English: Meditations
español: Meditaciones
فارسی: تأملات
한국어: 명상록
עברית: רעיונות
Kreyòl ayisyen: Meditations
Nederlands: Ta eis heauton
日本語: 自省録
português: Meditações
русский: К самому себе
srpskohrvatski / српскохрватски: Meditacije
suomi: Itselleni
中文: 沉思录